Back To Top

4 март, 2021 | Актуелности

ДИГИТАЛНИ МАРКЕТИНГ ТРЕНДОВИ ВО 2021 ГОДИНА

Изминатата година беше малку специфична и е тешко да ја сумираме, но со сигурност можеме да потврдиме дека истата имаше позитивно влијание врз дигиталниот маркетинг. Како резултат на пандемијата, голем број на претпријатија одлучија да ги префрлат своите активности на Интернет, со цел да ги задржат своите купувачи и клиенти, бидејќи доколку сакате да бидете успешни, потребно е да бидете во чекор со трендовите. Да погледнеме кои трендови се значајни за дигиталниот маркетинг и нè чекаат во 2021 година.

Трговија на социјалните мрежи

Не знаеме што нè чека во 2021 година во однос на глобалните прашања со пандемијата, но светските маркетери се убедени дека социјалните мрежи нема да го изгубат своето место во дигиталниот свет. Иако повеќето компании ги користеа овие платформи за промоција пред 2020 година, нивната популарност сега е зголемена. Според дигиталните маркетери, социјалните медиуми ќе останат основен елемент на маркетинг преку Интернет. Секако, се очекуваат и некои промени. Социјалните медиуми (како Фејсбук), ќе бидат прилагодени за купување, а не само за промоција и откривање брендови. Посетителите ќе можат да го купат производот без да ја напуштат платформата.
Објавите наменети за купување, така наречени shoppable posts, ќе продолжат да се користат како стратегии за промоција на социјалните мрежи. Во 2021 година, можеме да очекуваме поголема употреба на краткотрајна содржина – тука припаѓаат приказни (stories) на мрежите како што се Фејсбук, Инстраграм, Снепчет, или пак кратки видеа, како оние на ТикТок.

Инфлуенсери

Инфлуенсерскиот маркетинг ќе остане популарен во 2021 година, исто како и претходните години – особено додека се применуваат ad blockers. Според истражувањата, околу 27% од корисниците на Интернет користат некаква форма на блокатор на реклами. За да стигнете до овие корисници, потребно е да користите некои други стратегии освен класичните реклами. Инфлуенсерите од социјалните мрежи се една од можните стратегии. Добро е кога многу позната личност го промовира вашиот бренд / производ, но треба да разгледате и други опции. Некогаш, ангажирањето микроинфлуенсери и локални инфлуенсери може да се покаже како подобро од ангажирањето славна личност. На пример, можете да пронајдете микроинфлуенсер кој зборува на теми поврзани со Вашите производи – ако продавате чизми за планинарење, за промоција, ангажирајте некој кој пишува блогови за планинарење. Откако ќе ги запознаете инфлуенсерите во Вашата област, веројатно ќе создадете своја сопствена мрежа на микроинфлуенсери.

Натпревари и подароци

Експертите за дигитален маркетинг тврдат дека сме изложени на околу 4.000 и 10.000 реклами секој ден. Голема конкуренција, зар не? Поради тоа е многу тешко да се истакнеме. Натпреварите што можете да ги организирате се поразличен и одличен начин за промовирање. Разбирливо е зошто натпреварите и подароците ќе останат популарни и во 2021 година. Секој сака подароци и тоа е доволна причина да се организираат истите. Важно е само да бидат фер и етички организирани. Вашата публика ќе го цени тоа.

Виртуелни настани

Во текот на карантинот, бевме приморани да останеме дома. Кога сакавме да се дружиме, единствените опции за тоа беа платформите како Zoom и Google Meet. Многу компании одлучија да организираат виртуелни настани додека редовните „офлајн“ случувања беа забранети.  И, тогаш сфатија дека онлајн настаните се уште подобри за нив. Има многу придобивки од виртуелните настани: останувате безбедни, нема патни трошоци или проблеми со визата и можете да стигнете до речиси секој агол на Земјата, каде и да има потенцијален посетител. И поради тоа, виртуелните настани ќе останат популарни и во иднина.

Намалување на бројот на социјални мрежи

Компаниите се обидуваат да се промовираат на речиси секоја социјална мрежа со цел да достигнат што повеќе луѓе. Борбите на повеќе фронтови и обидот да се биде успешен на секоја мрежа може да биде исцрпувачки. А, исто така тоа е лошо за вашиот буџет. Поголемите компании веќе започнаа со трендот на намалување на бројот на профили на социјалните мрежи. Тие заклучија дека е подобро да се посветат на една платформа и таму да го искористат целиот свој потенцијал.

AR (Augmented Reality) и VR (Virtual Reality)

Компанијата Фејсбук поседува голем број патенти за проширена реалност (augmented reality), и истите може да се искористат во дигиталниот маркетинг. Само е прашање на време. Некои големи компании, како што е ИКЕА, веќе вклучија AR во нивното рекламирање. Откако ќе започнат поинтензивно да се користат во дигиталниот маркетинг, AR и VR ќе овозможат подобро и поперсонализирано искуство во купувањето.

Инклузивност

Покрај пандемијата, 2020 година донесе инклузивност во нашите животи и тоа ќе продолжи и во 2021 година. Луѓето ширум светот, особено маргинализираните групи, се залагаа за еднаквост и го префрлија тоа во дигиталниот маркетинг.  Промовирање на различноста, дискутирање на теми кои опфаќаат различни раси, религии и сексуалности, поставување еднаква содржина за сите, адаптација на содржини за лица со попреченост, зборување за толеранција – сега сето тоа е составен дел од дигиталниот маркетинг.

Истакнати фрагменти „пребарување без клик“

Порано, сите сакаа да бидат први на резултатите од пребарувањето на Google. Денес, нултата позиција го замени првото место. Нулта позиција е позната и како „пребарување без кликнување“. Google ја рангира најдобрата статија и кога некој ќе му постави прашање на Google, тој добива одговор токму од таа статија, врамена на горниот дел од резултатите од пребарувањето.

Интерактивни содржини

Под интерактивни содржини се мисли на анкети, квизови, прашања и одговори и подароци, кои веќе ги споменавме. Овие типови интерактивни содржини ќе го одржуваат Вашиот контакт со публиката. Исто така, ова ќе го подобри ангажманот со публиката и ќе создаде посилна врска меѓу Вас и Вашите клиенти/посетители. Овој тренд ќе продолжи во дигиталниот маркетинг и оваа година. Слушањето на желбите на клиентите може значително да ја подобри Вашата продажба. Може да биде и водич за тоа како да креирате содржина прилагодена на вашата публика.

Поделба на публиката

2021 година носи и нови стратегии во креирањето реклами. Поделбата на потрошувачите вклучува поделба на публиката во помали групи и насочување кон нив со поперсонализирани реклами. Ако сакате да го зголемите ангажманот на публиката, персонализираните реклами може да бидат еден од начините да го направите тоа. Наместо да се создаваат голем број на различни кампањи за целата публика, поделбата на потрошувачите значи создавање помали групи на специјална публика и нивно насочување со реклами дизајнирани токму за нив.


Минатата година нè пречека неподготвени и ние навистина не знаеме што ќе ни донесе оваа година, но знаеме дека можеме да ги очекуваме овие трендови. Доколку сакате да бидете во чекор со времето, познавањето на најважните аспекти на дигиталниот маркетинг ќе Ви биде од корист. Од време на време, важно е да ги проверите најновите трендови, да изберете некои од нив и да ги примените во Вашите стратегии за промоција. Следењето трендови е еден од клучните елементи кои го сочинуваат дигиталниот маркетинг. Секогаш можете да импровизирате и проверите кои маркетинг трендови најдобро одговараат на Вашиот пристап.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ