Back To Top

21 мај, 2021 | Актуелности

ГЛОБАЛИЗАЦИЈА И МЕНАЏМЕНТОТ ВО ГЛОБАЛНО ОКРУЖУВАЊЕ

Глобализацијата во најширока смисла на зборот се однесува на проширување на глобалните врски и опфаќа неколку главни процеси. Дефинициите за глобализацијата се разликуваат во зависност од тоа што е во фокусот. Глобализацијата е историски комплексен феномен. И самото значење на овој термин е тема на општа дискусија. Може да се однесува на вистински процеси, идеи и начини на размислување за нив. Терминот не е неутрален, бидејќи дефинициите одразуваат различни проценки на глобалните промени.

Глобализацијата означува економски, политички и културен процес што е овозможен со брзиот развој во областа на транспортот и комуникациите, а кој честопати е воден од желбата на големите корпорации да освојуваат нови пазари. Глобализацијата е истовремено контроверзен процес.

Економска глобализација

означува, пред се’, создавање и воспоставување правила на единствениот светски пазар со слободно движење на стоки и капитал преку националните граници. Застапниците на економската глобализација тврдат дека слободното движење на капитал ја поттикнува конкуренцијата и развојот. Противниците, пак, тврдат дека големите мултинационални корпорации користат веќе заработен капитал за да спречат креирање конкуренција со која би морале да го делат пазарот.

Политичка глобализација

е тесно поврзана со економската глобализација. Постоењето на единствен светски пазар ја намалува можноста на националните држави директно да го поттикнуваат развојот на сопствените економии преку поставување правила со кои ги фаворизираат нивните национални компании. Местото на донесување одлуки се пренесува од државните во меѓународните институции, што ја намалува можноста луѓето да влијаат врз сопствениот развој преку директни избори на претставници на владата.

Културна глобализација

подразбира среќавање на различни светски култури и обичаи. Протокот на добра, капитал и луѓе преку државните граници со себе носи проток на навики, обичаи и култури. Овој процес често предизвикува различни реакции кај различни луѓе. Некои сметаат дека влијанието на новата култура е позитивен развој што ја збогатува постојната култура, додека други сметаат дека новата култура претставува закана за утврдените вредности и правила.

Следните дефиниции ги изразуваат преовладувачките влијанија во теоријата на глобализацијата:

Постојаната интеграција на пазарите, националните држави и технологиите до невиден степен им овозможува на поединците, корпорациите и националните држави да се протегаат низ светот подалеку, побрзо, подлабоко и поевтино од кога било досега, односно проширување на слободниот пазар на капитализам во секоја земја во светот.
(T.L. Friedman, The Lexus and the Olive Tree, 1999, p. 7-8)

Компресија на светот и интензивирање на свеста за светот како целина
(R. Robertson, Globalization, 1992, p. 8)

Општествен процес преку кој исчезнуваат географските ограничувања на социјалните и културните настани, а луѓето стануваат сè повеќе свесни за тоа.
(M. Waters, Globalization, 1995, p. 3)

Историска трансформација која вклучува збир на одредени форми и примери кои стануваат глобални преку (i) активно ширење на човечки практики, вредности, технологии и други производи низ целиот свет, (ii) кога глобалните практики имаат се’ поголемо влијание врз животот на луѓето, ( iii) кога светот служи како фокус за сите или како премиса во обликувањето на човековите активности.
(M. Albrow, The Global Age, 1996, p. 88)

• Интеграција заснована на проект извршен врз основа на „глобални правила на пазарот“
(P. McMichael, Development and Social Change, 2000, p. xxiii, 149)

• Доминантната форма на глобализација означува историска трансформација: во однос на економијата трансформација во поглед на начинот на остварување приход и егзистенција; во политиката – губење на степенот на локална контрола…, и во културата губење на достигнувањата на колективноста… Глобализацијата се јавува како политички одговор на експанзијата на пазарната моќ… Таа е во областа на знаењето.
(J.H. Mittelman, The Globalization Syndrome, 2000, p. 6)

… Ширење, продлабочување и забрзување на меѓузависноста во сите аспекти на современиот општествен живот од култура до криминал, од финансии до духовност.
(Held and McGrew 1999: 2)

Глобализација и менаџмент

Ниту еден менаџер не може да тргне од претпоставката дека неговата организација е изолирана од глобалните активности. Денес, не е невообичаено за глобална организација со седиште во пр. САД, да ги надгледува производствените операции не само во САД, туку и во Германија, Сингапур, со цел да ги продаваат своите производи на сите континенти.

Не само што големите компании имаат глобална перспектива, има сè повеќе мали компании кои се движат во таа насока.

Феноменот на глобализацијата се состои од три меѓусебно поврзани фактори: близина, локација и став. Во исто време, таа претставува знаење на организацијата дека бизнисот мора да има меѓународна, а не локална перспектива.

Близината како фактор на глобализацијата го условува погледот на светот и светскиот пазар како едно „глобално село“. Техниката и технологијата овозможуваат брза размена на информации и на тој начин клиентите стануваат подеднакво оддалечени од нивните организации. Глобализацијата подразбира и локација и интеграција на операциите преку меѓународните граници и истовремено опфаќа нов, отворен став кон менаџерските практики во меѓународна рамка.

Пример за глобализација:
За Federal Express, нема сигурен пат до успехот

Воден од истовремената желба неговата компанија да избие на прво место и заситеноста на американскиот пазар, Федерик Смит, извршен директор и основач на Federal Express, ја искористи можноста и ги прошири услугите за испорака до Европа. Неговата цел беше да стане доминантна меѓународна сила. Сепак, конкуренцијата во странство со етаблирани европски конкуренти и потребата да се усогласат со голем број странски регулативи предизвикаа многу неочекувани проблеми и значителни загуби. Во разновидна европска политичка и културна средина со бројни локални регулативи, Federal Express беше принуден да купува компании таму. Големите инвестиции во европските компании, сепак, не резултираа во соодветно зголемување на продажбата. Смит ја бранеше својата експанзија во Европа, велејќи: „Пред да понудите производ, мора да ја распнете мрежата“.

Иновативниот сервис за електронско пренесување на Federal Express, Yap Mail, не успеа поради зголемената популарност на факсимилните машини. Брзото испраќање по факс ја намалува потребата од услуги за брза испорака. Federal Express потроши околу 350 милиони долари за развој и промоција на Yap Mail, пред да ја откаже оваа услуга во 1986 година. При испорака на пакет, United Parcel Service (UPS) се покажа како најголем конкурент, и на европскиот и на американскиот пазар, воведувајќи испораки преку ноќ.

Постојат и ограничувачки фактори во регионот на Пацификот. Јапонија, на пример, воведе ограничувања во авионската испорака на тешки пакети. Како последица на тоа, Federal Express е принуден да работи на летови кај кои се користи само дел од капацитетот на авионот. Бидејќи светот станува единствен пазар, Federal Express исто така мора да се соочи со силна конкуренција од компании како што се јапонската авиокомпанија Nippon Cargo Airlines, американскиот  DHL Worldwide Express и австралискиот ТНТ.

Во обид да стане вистинска глобална компанија, Federal Express  ја купи авиокомпанијата Tiger International Airlines. Купувањето на оваа авиокомпанија ги прошири рутите на Federal Express кон Јапонија, Лондон и Брисел, како и кон Сеул, Хонг Конг, Бангкок, Сингапур, Манила и Австралија. Со проширени рути Federal Express (преку аквизиција на Тајгер Интернешнл), денес го опфаќа целиот свет.

Набавката на Tiger International Airlines, вредна над 800 милиони долари, беше многу ризична. Интеграцијата на двете организациски култури може да се покаже како многу тешка задача. Претприемничката култура на Federal Express е сосема поинаква од културата на синдикалната компанија Tiger International. Покрај тоа, важен клиент на Tiger International е UPS-от, еден од конкурентите на Federal Express. Размислувајќи за шансите, г-дин Смит е свесен за ризиците и ограничувањата.

Кои се најважните проблеми на г. Смит и што тој треба да стори?
Кои можности и закани ги гледате за Federal Express во Европа во 2000-тите?

Конкурентност

Конкурентноста претставува релативна позиција на еден натпреварувач над друг. Трговците во размислуваат за конкурентноста на нивните цени, спортистите пак ја развиваат својата конкурентност во однос на ривалите преку секојдневно тренирање.

Во глобалното работење, конкурентноста стана „натпревар меѓу народите“. Кога зборуваме за критериумите на конкурентност меѓу народите, мислиме на критериумите во однос на временската перспектива. Конкурентноста може да се постигне со предвидување на иднината, т.е. со гледање на подготвеноста на нацијата за иднината, односно со можноста да се победи во идните натпреварувања или со гледање во минатото, каде што се работи за репер во минатото, т.е. дали е достигнато одредено ниво (делот од пазарот што го зафаќа една нација).

Владите различно влијаат на конкурентноста. Општо е познато дека САД бавно ја препознаваат глобализацијата на бизнисот. Јапонија стана најважната конкурентна нација. Освен Јапонија, и земјите од Европската унија го превземаат приматот во одредени области. Денес Кина полека, но сигурно го презема приматот, т.е. станува една од најконкурентните земји во светот.

Глобалните менаџери работат во клима која се карактеризира со агресивни државни напори за влијаење врз водењето на нивните организации. Овие напори влијаеа и на глобалната конкурентност. Исто така, некои национални средини обезбедуваат поголеми стимулации за прогрес и напредок од другите.

Мултинационални компании

Мултинационалните компании се корпорации со погони во повеќе земји контролирани од централата. Мал број на организации започнуваат како мултинационални. Тие минуваат низ различни фази на интернационализација во кои секоја фаза значи деловно работење во близина и поблизок контакт со клиенти од други земји. Ова не значи дека таквите компании се секогаш добредојдени во националните економии. Тие имаат големо влијание врз матичната земја и претставуваат одлив на средства за странски инвестиции. Тие исто така претставуваат ризик од губење на технолошката предност.

Како се создадени мултинационалните компании?

Првата фаза на развој вклучува извоз, т.е. продажба на стоки на странски пазар и во оваа фаза има само пасивни врски со странци.

Втората фаза вклучува директно следење на нејзините странски интереси и полека преместување на вработените во странство.

Третата фаза вклучува директно учество во увоз/извоз и производство на стоки во странство. Во оваа фаза, најчесто се користат лиценците – продажба на право за трговија со производи под регистрирано име, односно употреба на патентирани процеси или материјали под авторско право. Се користат и франшизи – посебен вид лиценца што содржи име, опрема, материјали и упатства за управување (McDonald’s, Pizza Hut…). Со цел да се добие поголем простор во областа на управувањето, што лиценците и франшизите го оневозможуваат, организациите започнуваат со странски директни инвестиции.

Друга опција е Join venture – заедничко вложување каде домашните и странските компании ги делат трошоците за градење на производни или истражувачки капацитети во странски земји. Често се случува во земји каде што според законот странците немаат право на сопственост над компании.

Предрасуди на менаџерите

Кога работат со вработени од други земји, менаџерите честопати се соочуваат со свои предрасуди. Три основни ставови се идентификувани меѓу менаџерите на меѓународни компании:
– етноцентричен,
– полицентричен,
– геоцентричен.

Етноцентричниот менаџер верува дека странските земји и жителите се инфериорни во однос на нивната татковина.
Полицентричниот менаџер верува дека сите земји се различни и тешко разбирливи и дека локалните менаџери подобро ја разбираат културата на нивните сонародници.
Геоцентричниот менаџер смета дека постојат сличности и разлики меѓу земјите и дека треба да се бараат и користат најефикасните техники и практики. Овој тип на менаџери е најдобар, но во исто време им е најтешко да учат и да прифаќаат промени.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ