Back To Top

24 септември, 2021 | Актуелности

Колективно преговарање

Колективното договарање е организиран процес кој претходи на склучување колективни договори, помеѓу работодавачот од една страна и вработените од друга страна. Вработените ги предводи репрезентативен синдикат на организацијата.

Колективните договори (колективни работни конвенции, тарифни договори или колективни договори за регулирање на работните услови), се писмени договори помеѓу синдикалната организација (претставник на колективот) и работодавачот, со кои се регулираат работните услови, правата и обврските и други прашања за вработување помеѓу работници и работодавачи. Колективните договори за работа се многу различни од договорите за вработување, по тоа што колективниот договор за работа не воспоставува работен однос, туку првенствено ги регулира прашањата од областа на трудот од работното законодавство.

Целта на преговорите помеѓу синдикатот на работници односно вработени и здружението на работодавачи се финализира преку склучување на Колективниот договор за работа. Најважните елементи на процесот на колективно договарање се:
1. преговарачко однесување,
2. преговарачка моќ,
3. теми за преговори и
4. прекинување на преговорите.

Преговарачко однесување

Кога раководството на организацијата ќе ја препознае репрезентативноста на синдикатот како претставник на вработените, тогаш се исполнети условите за преговарачко однесување. Двете страни се должни да преговараат на конструктивен начин. Конструктивните преговори подразбираат дека двете страни се почитуваат едни со други. Конструктивноста во преговорите се постигнува на следниот начин:

  • двете страни се подготвени да се сретнат во точно предвиденото време;
  • двете страни се подготвени да преговараат за платите, работното време и работните услови;
  • двете страни потпишуваат писмен договор и се обврзуваат дека ќе го почитуваат;
  • во случај едната страна да го раскине договорот, должна е да ја извести другата страна во рок од 60 дена.

Преговарачка моќ

Двете страни заземаат отворени позиции, јасно презентирајќи ги своите цели, но оставајќи простор и на другата страна да преговара. На пример: синдикатот го кажува својот став кон спротивната страна за зголемување на платите за 15%, другата страна нуди 10%, просторот за преговори е 5%. Двете страни конструктивно бараат да ги решат преостанатите 5% со компромис, а преговорите се завршени – со зголемување на платите за 12,5%.

Теми за преговори

Главните теми за преговарање се платите, работното време и работните услови, што е илустрирано со следната поделба:

  • Плати
    – основна заработка,
    – прекувремена плата,
    – трошоците за превоз,
    – стимулација,
    – отпремнина за пензија,
    – пензиско и здравствено осигурување.
  • Работно време
    – должина на работно време,
    – прекувремена работа,
    – годишни одмори,
    – породилно отсуство.
  • Услови за работа
    – отпуштање во случај на вишок на вработени,
    – унапредување,
    – права врз основа на стаж,
    – адекватна заштита на работно место,
    – работна дисциплина,
    – процедура за жалби,
    – опис на работното место,
    – услови за работа на синдикатот.

Прекин на преговорите

Колективното преговарање не може да се заврши додека претставниците на двете страни не добијат поддршка од:
– претставници на синдикатот од нивното членство;
– претставници од управниот одбор.

Доколку не се постигне договор за поединечни или за повеќе задолжителни прашања, преговорите се прекинуваат.

Затоа, колективниот договор ги регулира платите, работните услови и режимот, работното време и други прашања од областа на трудот и социјалното законодавство. Без оглед на тоа што синдикатот на вработените и работодавачот како сопственик на компанијата учествуваат во склучувањето на Колективните договори, договорните страни немаат исти ставови за природата и карактерот на Колективните договори.

Имено, одредени синдикални организации, одбиваат да ги прифатат колективните договори како форма на реформизам на работничката класа и нејзино давење во капиталистичкиот систем. Додека од друга страна, дел од работодавачите во колективното договарање гледаат форма на одбивање на нивните права да управуваат со имотот на приватна компанија, што може да резултира со задушување на економското претприемништво и неефикасност на бизнисот.

Но, без оглед на овие двоумења, колективните договори во пазарната економија останаа единствениот механизам за регулирање на меѓусебните права и обврски на вработените и нивните синдикати од една страна, и работодавачот како сопственик на бизнис од друга страна.

Што е предмет на колективните договори?

Веќе рековме дека главниот предмет на колективните говори за работата се платите. Бидејќи работодавачот, според основните принципи на кои се засновал капиталистичкиот систем на производство, ги определил условите, начинот на работа и работното време, а особено висината на платите во „преговорите“ со индивидуалниот работник, тој секогаш бил „силната страна“.

Ова се’ повеќе ги насочува работниците да се организираат во синдикатите, за да можат нивните синдикати да започнат преговори со работодавачите. Со забрзаниот процес на индустријализација на капиталистичките земји, со зајакнување на синдикалното движење на работниците и заострување на класните противречности, доаѓа до значително проширување на предметот на колективно договарање помеѓу работодавачите и синдикатите.

Имено, покрај платите и условите, предмет на преговарање стануваат и начинот на работа и работното време. Овој процес на проширување на предметот на колективно договарање доби посебен замав по Втората светска војна.

Што содржи колективниот договор?

  • признавање на работодавачот: работодавачот признава одреден синдикат како единствен претставник на работниците во процесот на колективно договарање;
  • право на управување: компанијата ги задржува сите права што не се ограничени со колективниот договор – да управува со својот бизнис, да управува со работната сила, да ја одржува безбедноста и ефикасноста на своите активности;
  • синдикална продавница: сите вработени мора да се приклучат во одреден синдикат во рок од 30 дена од вработувањето;
  • услови за работа на синдикатот: менаџментот на компанијата се обврзува да му ги обезбеди на синдикатот потребните информации и услови за работа на нејзиниот орган во компанијата;
  • распоред за работа: регулира која работа се смета за прекувремена работа, а кои се работни места со „посебни услови за работа“ и начинот на плаќање;
  • ниво на плата: квалификациона структура, сигурност при работа и начин на плаќање;
  • плаќање: платени празници, одмори и отсуство;
  • програма за пензиско и здравствено осигурување;
  • времетраење на договорот.

Сите овие права од колективните работни договори мора дополнително да се разработат во индивидуалните договори за вработување склучени од работодавачот и работникот. Посебна специфичност на колективните работни договори е тоа што тие содржат правила за решавање спорови. Постои опција за решавање на овие спорови со најмалку потрошено време, т.н „џентлменски договор“, и ако спорните прашања не можат да се решат на гореспоменатиот начин, се прибегнува кон судска разрешница на спорови помеѓу работодавачот и синдикатот.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ