Back To Top

19 март, 2021 | Актуелности

ШТО ПРЕТСТАВУВА GOOGLE MY BUSINESS?

„Мисли глобално, дејствувај локално“ е ретко користена изрека, но во одредени ситуации е исклучително важна. Истото важи и за компаниите кои не се разликуваат само по услугите што ги нудат, туку и по тоа каде ги нудат или како комуницираат со посетителите. Така на пример, ако некоја компанија работи само во еден град, како што е услугата за поправка на компјутер, нема смисла да се прави промоција и да се троши време за да се направи видлива и на државно ниво. Се разбира, ако има експанзија над почетниот радиус на дејствување, потребна е промена во Интернет стратегијата. Но, дотогаш, подобро е да инвестирате време во локално пребарување каде што посетители ќе бидат оние луѓе за кои постои голема веројатност да остварат контакт со Вас, ако Ве сметаат за најдобро решение за нивните проблеми.

Тука доаѓаме до елемент на кој компаниите можеби не обрнуваат многу внимание, но може да значи многу при создавање на прв впечаток. Станува збор за Google My Business, бесплатна алатка за деловните субјекти и организациите за управување со нивните основни информации, кои подоцна ќе бидат прикажани на пребарувањето на Google и Google Maps. Повеќето информации кои Google ги прикажува во рамки на локалните компании доаѓаат токму од оваа алатка, така што оптимизирањето на My Business внесот е повеќе од пожелно. Се разбира, ова не значи дека Вашата компанија секогаш ќе биде во таканаречениот „локален пакет“ само затоа што имате две слики повеќе од конкуренцијата и две реченици повеќе во описот на компанијата. Без да навлегуваме подлабоко во алгоритмот за локално пребарување, доволно е да се потенцира она што Google го објави – три значајни фактори во списокот на локалните бизниси се: релевантност, оддалеченост и истакнатост.

Затоа, може да се каже, колку е порелевантно барањето на информации објавени во списокот на My Business, толку е поголема шансата Google да го земе предвид Вашиот бизнис. Поради тоа, деталното пополнување на сите информации е многу важно. Исто така, голема улога игра и оддалеченоста, бидејќи ако некој побара компјутерска поправка во одреден регион, Google нема да им покаже компании кои се поодалечени од конкретниот регион. На крајот останува истакнатоста, односно колку е компанијата локално позната, а воедно Google ги зема во предвид и дополнителните елементи како споменување на интернет.

Зошто ми е потребен Google My Business?

Google My Business е неопходен доколку сакате да бидете видливи на интернет и на листата на локални бизниси, а исто така им овозможува на корисниците на Интернет да споделат рецензии и оценки за деловните активности – фактори кои се многу важни за оптимизација на SEO на локална основа.

Покрај тоа, Google My Business:

  • Го истакнува Вашиот бизнис во резултатите од пребарувањето;
  • Им помага на клиентите да го пронајдат Вашиот бизнис (онлајн и офлајн);
  • Им дава на корисниците на Интернет клучни информации врз основа на кои тие можат брзо да одлучат дали да Ве посетат или не (работно време, популарно време на посета, мапа со упатства како најбрзо да дојдат дo Вас…);
  • Го вклучува Вашиот бизнис во листата на резултати веднаш штом има пребарување во близина на Вашата компанија;
  • Локалното пребарување често се прави преку мобилен уред, што ја прави мобилната видливост уште поважна, а токму тоа го прави и  Google My Business.

Како да отворам Google My Business налог?

Отворањето налог за Google My Business е потполно бесплатно и многу лесно. Одете на Google MyBusiness и кликнете на зеленото копче „Започни сега“. Следете ги упатствата на Google, осигурувајќи се дека ги внесувате точните информации. Овој процес може да звучи сосема едноставен, но честопати се прават мали грешки што во голема мера може да влијаат на Вашиот локален ранг. Осигурајте се да обезбедите квалитетни фотографии на Google My Business, за да им дадете на клиентите подобра визуелна слика за бизнисот.

Совети за оптимизација на информациите кои се внесуваат на My Business налогот

Сè започнува со тоа дали Вашата компанија може да аплицира за списокот на My Business, односно дали може да се наведе во пребарувачите и мапите. Не сите физички локации се прикладни ако ја нарушуваат политиката за најавување на Google, па на пример, не можете да регистрирате објект што е на продажба, во изградба или чека отворање. Исто така, пред да се регистрирате, потребно е да проверите дали компанијата е веќе регистрирана и да отстраните одредени записи за да не испраќате погрешни сигнали.

Потоа, при регистрација, потребно е да го наведете точното и полно име на компанијата по која посетителите ќе можат да ве препознаат. Следниот чекор е да ги поставите адресата и телефонскиот број каде покрај точноста, секогаш треба да се внимава оваа адреса да биде иста на сите други места каде компанијата се појавува преку Интернет. Ова ги вклучува Вашата веб-страница и другите директориуми за презентација на компанијата. При поставување на телефонскиот број, важно е да се нагласи дека не може да се постават бесплатни и слични броеви. Исто така, изборот на категорија треба да биде што е можно попрецизен затоа што токму тој опишува што прави Вашата компанија или какви услуги нуди. Подоцна може да се додадат повеќе подкатегории за понатамошно истакнување на поважните услуги. Исто така, може да се посочи ако компанијата обезбедува услуги на локацијата на своите клиенти или купувачи.

По регистрирањето, потребно е да ја верификувате компанијата, за да Вие имате контрола врз она што им го презентирате на посетителите и, доколку е потребно, можете да додадете други корисници кои ќе можат да ги уредуваат сите информации. Последниот чекор е да пополните дополнителни информации како што се работното време, описи на компанијата и додавање слики. Токму овие елементи и нивната точност создаваат прв впечаток.

Квалитетните фотографии влијаат и врз впечатокот што се создава при преглед на компанијата. Ако ништо друго, барем сликата на фасадата каде што се наоѓа компанијата треба да биде со висок квалитет. Не мора сите компании да имаат врвни фотографии, но токму на овој елемент не му се посветува доволно внимание при креирање профил на компанија. И на крај, не треба да се игнорира описот на компанијата, бидејќи токму описот може да е пресуден за тоа дали клиентот ќе кликне на Вашата или конкурентската компанија.

Откако сè е поставено и објавено, работата не е завршена, потребно е да се следи како компанијата е прикажана на пребарувачот, што е можно со помош на опцијата Insight.

Иако сето ова звучи сосема логично, акцентот е ставен на тоа како да не се занемари оваа бесплатна алатка за промоција. За некои ќе биде доволно само компанијата да биде прикажана на „Google Maps“, а сите други кои всушност го земаат предвид овој сегмент при креирање на локална SEO стратегија, отвораат дополнителна можност за проширување на бизнисот кон нови корисници.

На крај, многу важна напомена се однесува на редовната проверка на профилот, бидејќи постои можност корисниците да побараат промени во информациите кои Google може да ги прифати, затоа не заборавајте да имате во предвид редовна проверка на информациите.

Што се’ можете да направите со налогот на Google My Business?

Откако ќе ги пополните основните деловни информации и додадете еден куп фотографии, ќе ви се отворат голем број опции како што се:  


• Креирање Google Posts: објавите на Google се достапни за сите мали бизниси и се користат за промовирање на специјални настани, прикажување производи или истакнување на специјални понуди. Тие не се тешки за поставување, но сепак се недоволно искористени.

• Добивање рецензии: Читањето рецензии на авторитетни страници е одличен начин да натерате некој да започне да Ви верува веднаш. Google MyBusiness сè уште го следи правилото: колку повеќе рецензии и позитивни оценки, толку е подобра позицијата на локалното пребарување, така што нема да биде на одмет постојано да ги охрабруваме корисниците да дадат фидбек и по некој добар збор за Вашиот бизнис и за Вашето работење.

•Insights (увид во статистика): Откако ќе отворите профил на Google My Business, ќе добивате месечна е-пошта со месечна анализа на однесувањето на корисниците и Вашиот бизнис. Ќе добиете клучни информации како што се бројот на луѓе кои го виделе Вашиот бизнис на локалната листа, колку луѓе ја отвориле Вашата веб-страница или колку луѓе барале упатства за тоа како да Ве исконтактираат. Можете да добиете увид во статистиката во секое време со најавување на Вашата сметка на Google и кликнување на статистика во менито од левата страна на интерфејсот.

Долг е списокот на барања кога станува збор за висок ранг на оптимизација за локално ниво, а одлично место за почеток со локалното оптимизација е секако „Google My Business“.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ