Back To Top

22 февруари, 2021 | Актуелности

ШТО ПРЕТСТАВУВА INBOUND, А ШТО OUTBOUND МАРКЕТИНГ?

Кога се во прашање рекламите и разни огласи, постојат два типа на луѓе во светот. Првата група се обидува да најде што им треба или што ги интересира со помош на дигитални помагала, додека другата група луѓе чека да им се наметне или предложи нешто што би можело „потенцијално“ да ги интересира.
                Постојат два вида на маркетинг:  inbound маркетинг и outbound маркетинг. Главната разлика помеѓу овие два вида на маркетинг се однесува на начинот на кој ќе го претставите Вашиот бизнис, услуга или производ пред споменатите групи на луѓе. Во моментов, делуваат и едниот, и другиот вид на маркетинг, но во продолжение ќе објасниме како тие се разликуваат и зошто.

Што е Outbound маркетинг?

               Outbound (излезен) маркетинг е вид на традиционално рекламирање каде се користи агресивен, наметнат и поприлично неетички начин, за да се добие вниманието на потенцијалните или веќе постоечките клиенти.
                Овој вид на маркетинг се води според пристапот преку кој целта е да се достигнат што е можно повеќе луѓе преку платени реклами, реклами на ТВ, реклами на радио, огласи во печатени медиуми, саеми, спам електронски пораки или плакати на билборди. Накратко кажано, оutbound маркетингот е дизајниран да ги вознемирува луѓето за да им го привлече вниманието.
                Колку пати ви се случило додека сурфате на Интернет, слушате песни на YouTube, гледате разни подкасти или документарни филмови на ТВ, да Ве прекине некоја платена реклама? Милион пати! И, што правите во тој случај? Прескокнувате реклами, земате далечински управувач, менувате програми, а дури и некои луѓе бараат начини да ги блокираат овие платени реклами. Доколку се земе во предвид незадоволството на корисниците и поскапиот пристап, не постојат многу предности на ваквиот начин на рекламирање, освен можеби побрзите, но повторно краткорочни резултати. Во суштина, станува збор за прилично агресивна алатка која ги прекинува потрошувачите во некои нивни активности. За да не се лутат корисниците, постои многу поблаг пристап кон рекламирањето, а тоа е inbound (влезен) маркетинг.

Што е Inbound маркетинг?

                Inbound маркетингот е разумен и етички пристап на рекламирање преку дигитални канали каде што вниманието на корисниците се привлекува на суптилен и природен начин. Кога велиме суптилно, мислиме без платени огласи и агресија, но со многу труд. Влезниот маркетинг е насочен кон група на луѓе која самостојно наоѓа содржина што ги интересира. Влезниот маркетинг ги привлекува клиентите создавајќи вредна содржина со искуства и примери прилагодени на нив, што на крајот им обезбедува решение за сите нивни проблеми.  На овој начин, создавате заедница околу вашиот бренд, трајни односи со клиентите и што е најважно, ја „купувате“ нивната доверба. Inbound маркетингот користи алатки за креирање корисна содржина и етапно гради доверба, а со тек на време луѓето ги претвора во свои корисници.
                Кога корисниците стекнуваат доверба во Вас и Вашата работа, и ги постигнуваат своите цели во која било фаза на соработка со Вас, за нив тоа е голем успех, но за среќа тоа е взаемно. Успехот е исто толку Ваш, колку и нивен.

6 предности на Inbound маркетингот

Привлекување на корисници

Креирањето и развојот на содржина не само што Ви овозможува да привлечете корисници, туку и Ви овозможува градење долгорочни односи со нив и стекнување доверба.  Креирањето и објавувањето содржини како што се блогови, написи, понуди, разни водичи, промоции или препораки на корисниците, им нудат вредност на корисниците, како и решенија за сите нивни предизвици.

Поттикнување на корисниците да се вклучат

Комуницирајте со корисниците преку сите канали за комуникација што Ви ги обезбедува дигиталниот свет.  Корисниците сакаат да градат долгорочни односи со Вас, затоа разговарајте со нив преку Мејл, Месинџер, Вибер, Инстаграм, одговарајте на коментари и рецензии, и охрабрувајте понатамошен разговор. Секогаш зборувајте за вредноста што ќе им ја даде Вашиот производ или услуга и водете се според принципот „продавате решение, а не производ“.

Задоволство на корисниците

Користете социјални мрежи.
Социјалните мрежи се важна стратегија затоа што го охрабрувате задоволството на Вашите корисници преку анкети, разни ботови, барање повратни информации или споделување кориснички искуства за Вашите производи или услуги. Одговорете на сите пораки и коментари, обидете се да им помогнете на Вашите корисници во секое време затоа што на тој начин покажувате дека ги слушате и се грижите за нив.
Исто така, по неколку месеци можете да испратите прашалник до клиентите со цел да проверите дали се’ уште се задоволни од Вашите услуги и дали можете да им понудите некои идеи за подобрувања. Сето ова влијае на нивното задоволство и „задоволниот клиент станува застапник и промотор на Вашиот бренд“.
Колку и да е традиционалниот маркетинг во сенка, запомнете дека стратегијата “од уста до уста“ е секогаш корисна. На кого ќе верувате повеќе од пријател кој е задоволен од одреден производ и има само позитивни искуства?!

Ефикасно и евтино

Влезниот маркетинг е поефикасен и поевтин на долг рок затоа што привлекувате посетители и потенцијални клиенти со органски сообраќај и квалитетна содржина.
Просторот за рекламирање на традиционалните канали како ТВ и радио е прилично скап и не можете да знаете дали воопшто ќе ви се исплати. Во денешно време, повеќето луѓе повеќе или помалку веднаш ја менуваат програмата кога станува збор за реклами затоа што се заситени, а од друга страна се информирани (знаат да гуглаат), така што нема да ги убедите да купат додаток за душеци Дормео само затоа што Дорис Пинчиќ тврди дека спие на него како бебе.
Магијата не се случува преку ноќ, затоа бидете трпеливи, инвестирајте во создавање квалитетна содржина, во долгорочни односи со вашите корисници и резултатите ќе дојдат со време.

Способност за мерење на резултатите

Факт е дека можеме да влијаеме само на она што можеме да го измериме.
Inbound маркетингот има предност кога станува збор за мерливоста на резултатите,бидејќи овозможува постојано тестирање, прилагодување на целната публика и мерење на резултатите.
Сите сме сведоци на тоа како дигиталните канали даваат можност за правилно поставување цели, публиката што сакаме да ја достигнеме, а воедно можеме да анализираме и да се прилагодиме на нашата целна публика.

Двонасочна комуникација

Влезниот маркетинг овозможува, преку веќе споменатите социјални мрежи и други дигитални канали, двонасочна комуникација помеѓу Вас и Вашите корисници. Преку овој начин на комуникација, на клиентите им ја покажувате Вашата грижа и присуство, со што се зголемува свеста за Вашиот бренд и довербата на клиентот.
Кога клиентите имаат доверба во Вашата марка, ќе им биде полесно да одлучат да купат Ваш производ или услуга.

ПОВРЗАНИ СТАТИИ